ЈАНАКИЕСКИ, ВЕЉАНОСКИ И ЕКС ШЕФОТ НА УБК НА ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА ЗА 27 АПРИЛ
Очекувањата на шефицата на обвинителството за гонење организран криминал, Вилма Русковска дека организаторите на крвавите настани од 27 април во Собранието на Република Македонија ќе седнат на обвинителна клупа и ќе им се суди за упадот во Собранието се исполнија.
Ова значи дека на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, актуелниот пратеник и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, и на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, ќе им се суди дека го организирале крвавиот четврток во април 2017 година.
Судски совет од Кривичниот суд Скопје 1 денеска го одобри обвинението во целост и судот формира предмет кој согласно правилата за компјутерска распределба ќе биде распределен кај оној судија кој по случаен избор ќе биде избран по компјутерски пат.
„Советот за оценка на обвинителен акт надлежен да постапува по обвинителниот акт поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, по одржана јавна седница како и ценење на фактите и доказите во истиот, донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост“- Кривичен суд Скопје 1.
Четворицата обвинети ќе одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Обвинението за случајот беше поднесено на крајот на мај минатата 2019 година. Според обвинението, обвинетите го подготвиле и реализирале планот за 27 април 2017 со цел да спречат мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година.
„За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ‘За заедничка Македонија’, што кулминираа со насилното влегување во Собранието. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“. - Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Иако со истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и екс разузнавачот Никола Бошкоски, за нив обвинение нема затоа што како што претходно соопшти обвинителството истрагата за нив двајца ќе продолжи тогаш кога тие ќе бидат пронајдени. Според наодите на Обвинителството, Бошкоски со возило во сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, дента на 27 април, пред Собранието донел оружје и панцирни елеци наменети за оние што протестгираат но и имаат искуство во ракување со оружје.
Претходно во скопскиот кривичен суд се водеа уште неколку други процеси поврзани со упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Најобемен и најкомплексен беше предметот за извршителите на крвавите настани во кој беа обвинети 33 луѓе. 15 од нив беа амнестирани, еден беше ослободен од вина а останатите беа осудени на 211 години вкупна казна затвор.

