Јакимовски: Легализацијата на еден од објектите за кој бев осуден, ја водел како полномошник, адвокатот Панче Тошковски
Градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски, тврди дека пресудата со која неправосилно беше осуден на 3 ипол години затвор е политичка, а не правна. Во прилог на своите тврдења тој посочи дека легализацијата на еден од објектите за кои Јакимовски е осуден ја водел министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во време кога бил адвокат.
Јакимовски вели дека го посочил Тошковски како адвокат кој добро ја владеел постапката за легализација на објекти, не за да го инкриминира Тошковски, туку за да ги потврди своите тези дека против него со води хајка.
Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да го коментираат документот кој го приложи Јакимовски.
Стевче Јакимовски беше прогласен за виновен за две кривични дела бесправна изградба и злоупотреба на службената положба кои според пресудата биле сторени за време на изградбата на новата општинска зграда на о. Карпош. Судот исто така одлучи зградата да биде конфискувана во корист на државата.