Јајца, зејтин, овошје, зеленчук, месото „Изгор“ цени, граѓаните велат едвај го преживуваат месецот

Основните прехранбени производи стануваат луксуз за граѓаните. Новото покачување на цените во маркетите удира директно по нивните џебови. Револтирани но и загрижени како ќе го поминат месецот и престојните празници, граѓаните велат дека веќе не го купуваат она што го сакаат туку само она што мораат за да преживеат.

Најголемо покчување, според нив, има кај зејтинот, јајцата, млечните и месните производи но и кај овошјето и зеленчукот

Пензионериве тешко, не можеме. Многу работи не можеме да си приуштиме, не дај Боже да затреба нешто дома. Тешкоп може да се купи.

Прво месните производи се покачени, јајцата и зејтинот се покачени. Се знае како се живее сиромашно. Ова не е живот. Што ќе прават пензионерите со 12 000 или 15 000 денари. Тие си ги направија платите големи за нив нема криза. 

Зејтин, јајца, млекото, јогуртот и лебпот е поскапен. Се е поскапено, воопшто да не правиме муабет. 

Цело време се зборува дека ќе се намалат цените но тие ги зголемуваат и така си останува. После неколку дена ги намалуваат но кога веќе еднаш ќе ги покачат си останува истата цена

Поголем број на артикли се покачени но чувствуваме. Една иста пензија а скоро ист одлив на артикли а парите се помалку ги има

Татјана Тасевска од организацијата на потрошувачите на Македонија вели дека надлежните треба да ја следат ситуацијата и да реагираат навремено со цел цените да престанат да растат.

 

Татјана Тасевска, правен советник на организација на потрошувачите на Македонија 

- Сметаме дека треба оваа состојба да се следи и доколку повторно дојде до уште поголема цена, да се направи нешто во намалување на маржата, на замрзнување. Знаеме дека тоа не е пазарно стопанство и дека во минатото ги имавме и дека не дадоа можеби резултати и дека повторно се покачија цените но барем за одреден период за да се стабилизира состојбата ако е потребно би можело да се донесат и такви мерки. 

Со цел поголема контрола врз маркетите за продажните цени, државниот пазарен инспекторат веќе е на терен. Оттаму велат дека 30 тимови во изминатите две недели вршат контроли врз сите поголеми но и помали маркети. Објаснуваат дека засега ситуацијата е стабилна и покачување има утврдено само кај неколку продукти вклучително и кај јајцата и зејтинот.

Државен пазарен инспекторат

- Засега цените се стабилни. Има утврдени покачувања кај јајцата и кај зејтинот. Зејтинот е покачен бидејќи станува збор за берзански производ. Слична е ситуацијата и со јајцата. Таму има покачување на храната со која се храни живината па затоа и цените на јајцата се покачени. Постојано правиме анализи. Целта е да сме постојано на терен за трговците да се однесуваат совесно. 

Цените на основните прехранбени производи и минатата година имаа драстични покачувања. Иако, Владата на неколку пати ги ограничи маржите но и ги замрзна цените на производите во маркетите со цел да се симне товарот од грбот на граѓаните, сепак цените не престанаа да растат.