Извршена обдукција на 15-ина лица, 45 во критична состојба

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека досега е извршена обдукција на околу 15 лица кои настрадаа во дискотеката во Кочани.

Увидот уште се врши, рече Тошковски, а 45 лица се во критична состојба и се транспортираат во странство.

Приведени се пет лица на територијата на СВР Скопје и  СВР Тетово, меѓу кои и поранешен министер, како и 13 лица на подрачјето на СВР Штип од кои 11 се во краткотраен притвор од 48 часа. 

Како што истакна министерот, над 22 - 23 лица се осомничени за целиот настан.

Според Тошковски, пиротехничките средства кои беа причина за пожарот, ги донел бендот ДНК.

- Концертот било одржан на диво, без писмен договор со изведувачите, истакна Тошковски.

Во диското имало 500 лица на продадени 250 билети.

Вчера бил извршен разговор со градоначалникот на Кочани и ако се утврди дека сторил нешто незаконско, ќе сноси одговорност.

- Македонија нема систем со правила на игра кои би превенирале ваков ужасен настан. Имаме системски слабости кои оневозможуваат контрола. Констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што можеме да кажеме дека има катастрофална состојба на постапување на институциите, потенцира Тошковски.

Министерот најави дека и денеска ќе бидат приведени голем број лица од различни институции, меѓу кои и МВР.