Извештајот за стратегијата за проширување усвоен во ЕУ парламентот

Европскиот Парламент го изгласа извештајот за стратегијата за проширување на ЕУ – нема место за „тројански коњи“, порача еврокомесарката Кос. 

Со 385 гласа „за“ и 147 „против“, европратениците денеска дадоа зелено светло за документот на литванскиот либерален европратеник Петрас Ауштревичиус и се согласија дека проширувањето е неопходно, потребно е надминување на билатералните блокади и дека процесот треба да остане базиран на заслуги. 

За време на дебатата во Стразбур, поддршка за документот даде и еврокомесарката Марта Кос, но предупреди дека ЕУ нема да дозволи тн. тројански коњи – членки кои би ја поткопале Унијата внатрешно.

Марта Кос еврокомесарка за проширување :  Нема тројански коњи. Земјите што би нè поткопале одвнатре не можат да станат членка на ЕУ. Ние мора да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите што ќе се приклучат кон ЕУ мора да бидат силни и издржливи демократии, способни да се спротивстават на токсичното влијание на Русија и други.

Известувачот и автор на документот - Ауштревичиус, ги повика европските инситуции, да обезбедат поефикасно носење одлуки.

Петрас Ауштревичиус , европратеник, автор на Стратегијата за проширување : Проширувањето на ЕУ е директно испреплетено со внатрешните реформи на ЕУ, со што се обезбедува внатрешна институционална функционалност и ефикасност на одлучување, особено проширената употреба на гласањето со квалификувано мнозинство.

А известувачот за Македонија, Томас Вајц- ја потсети Унијата, на обврските кои ги има кон некои од кандидатките.

Томас Вајц европратеник , известувач за Македонија во ЕП : Ние мора да ги исполниме и нашите ветувања кон земјите кон кои имаме обврски . Треба да ја засилиме поддршката.

Додека бугарските европратеници упатуваа критики за дискриминација на Бугарите во Македонија, хрватскиот европратеник Босанац, повика на политка на здрав разум, за да се избегнат билатералните блокади. 

Андреј Ковачев бугарски европратеник ЕПП : Реформите и обврските, содржани во преговарачките рамки и официјално прифатени од сите земји-кандидатки, треба да бидат исполнети со решителна политичка волја. 

Гордан Босанац хрватски европратеник, Европска Слободна Алијанса: Политиката на релаксација и политиката на здрав разум, можеби се начин како да се избегнат билатералните блокади. Особено ова им го порачувам на моите драги колеги од Бугарија и Северна Македонија. 

Во документот стои дека евроинтеграцијата на новите членки треба да оди – рака под рака со внатрешните реформи на ЕУ. Во завршните зборови и евркомесарката Кос порача дека е потребно да се промени процесот на едногласно одлучување помеѓу отворањето и затворањето на преговорите со ЕУ.