Извештајот на Вајц ја помина првата пречка без придавката „модерен“ за јазикот
Усвоен извештајот за Македонија на Томас Вајц, следен чекор - расправа за „современ“ македонски јазик и идентитет во Европарламентот. Со 40 гласа за, 19 против и 10 воздржани, Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, денеска, не ги исполни надежите на македонската влада за едногласно усвојување, но даде зелено светло за извештајот за напредокот на Македонија.
Пред самото гласање координаторот на ЕПП Михаил Галер, каде членува ВМРО ДПМНЕ, предложи устен амандман - пред терминот „македонски јазик и идентитет” да се додаде „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи шест европратеници се изјаснија против. А Галер рече дека имаат разбирање со групите - Социјалисти и демократи, Обнова и Зелените, истиот амандман да биде предложен на пленарната седница во јули.
Известувачот Томас Вајц, пак, беше задоволен од гласањето. За медиумите преку писмена изјава порача дека е горд.
Томас Вајц Известувач за Македонија во Европарламентот - Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме актуелниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување.
На гласањето му претходеше нервозна атмосфера. Претседавачот на АФЕТ, се огради и ги осуди нападите врз известувачот Вајц. А бугарскиот европратеник Валчев имаше бурна реакција во однос на малцинските права.
Компромисните амндмани не се официјално објавени, но според Дојче Веле на две места во Извештајот, по најновите измени, директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, иако е прашање дали ќе го поминат следниот филтер, со оглед на амандманот кој го најави ЕПП.
Според извештајот на Томас Вајц - членот 2 се повикува на брз напредок во пристапните преговори, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на уставните измени. Во членовите 24, 25 и 26 се забележува дека резултатите од борбата против корупцијата се влошени по Крвичниот Законик и дека довербата во судството е се уште многу мала. Се спомнува и политичката поларизација, а стои и дека билатералните договори треба да имаат опипливи резултати од сите страни.