Извештај за доверба во правосудството
Корупција помеѓу судиите и обвинителите, скапа правда и долги судски постапки се трите најголеми проблеми за граѓаните кои на своја кожа ја искусиле обвинителско-судската голгота, покажуваат резултатите од истражувањето на асоцијацијата „Зенит“ што денеска беа презентирани во јавноста.
Извршниот директор на организацијата Александар Николов вели дека повеќе од половина од испитаниците не веруваат во правосудниот систем иако, како што вели тој во делот на корупцијата одговориле дека никогаш од нив директно не бил побаран поткуп.
Недовербата во обвинителството е резултат на општата состојба во државата, сомнежите за партизираност, личната перцепција но и хроничниот недостиг од обвинители и стручни соработници, тврди претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски.
А претседателот на Судскиот совет Киро Здравев вели дека покажаната недоверба на испитаниците во ова истражување е само предупредување дека судската фела мора да продолжи со спроведување на стратешките цели за независно и ефикасно судство. Во таа, смисла, Здравев рече дека голем дел од препораките на ГРЕКО објавени на почетокот на овој месец се во надлежност на владата.
А претседателот на Основниот суд во Кавадарци Лазар Нанев вели дека дел од недовербата произлегува од незадоволните странки во една судска постапка. Затоа, според Нанев интегритетот на судиите е индивидуална работа за која секој судија самостојно мора да се избори.
Во анкетата учествувале и судии, обвинители, адвокати и вработени во правосудната администрација кои мешу другото изјавиле дека не се соочиле со директен политички притисок.