Извештај на ЕК за Македонија: Нема обиди за уставни измени, историската комисија со Бугарија без резултати, Преспанскиот договор повремено се игнорира

Нема обиди за усвојување на уставните измени, Договорот за добрососедство и Протоколот со Бугарија остануваат од суштинско значење, потребни се дијалог и меѓусебно почитување, а историската комисија нема опипливи резултати и покрај четирите состаноци во рок од една година – ова го нотира новиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, во кој имаше увид ТВ 24. Брисел забележува и дека членови на Владата и високи функционери повремено го игнорираат Преспанскиот договор и не го користат уставното име на државата. Тоа, според извештајот, претставува ризик за добрососедските односи со Грција.

 Судскиот систем е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка и бележи одреден напредок. Нема напредок во борбата против корупцијата во Македонија- и понатаму останува распространета и претставува сериозна причина за загриженост во Брисел. Според документот демократските институции генерално функционираат стабилно, но политичката поларизација продолжува да го одложува усвојувањето на важни реформски закони.

Извештај на Европска Комисија за напредокот на Македонија:

- 1.3 СОСТОЈБА НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ : Не беа направени обиди за усвојување на релевантните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Земјата се обврза да ги започне и постигне овие промени, со цел да ги вклучи во Уставот граѓаните кои живеат во рамките на државните граници и кои се дел од други народи, како што се Бугарите.

- ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ И РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА : Постигнувањето опипливи резултати и спроведувањето на билатералните договори во добра волја, вклучително и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и неговиот Протокол, остануваат од суштинско значење. Потребни се значителни дополнителни напори за унапредување на атмосферата на дијалог и меѓусебно почитување. Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања одржа четири состаноци во периодот од септември 2025 до март 2026 година, но без опипливи резултати.

Спроведувањето на билатералните договори со добра волја, вклучително и Преспанскиот договор, останува од суштинско значење. Членови на Владата и високи функционери во одредени случаи го игнорираат Договорот, вклучително и преку некористење на уставното име на државата, што може да влијае врз добрососедските односи.