Извештај на ЕК: Уставни измени, лимитиран напредок во судството и нема напредок во борбата против корупцијата

Новиот извештај на ЕК нотира - неспроведени уставни измени, лимитиран напредок во судството и нема напредок во борбата против корупцијата. 

Во документот усвоен денеска, стои дека Македонија е добар пример за мултиетничко општество, но потребни се суштински реформи, а билатералните договори со Грција и Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја.

- Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други луѓе, како Бугарите, што земјата се обврза да ги започне и постигне. Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително Преспанскиот договор и Договорот за  добрососедство. Северна Македонија треба да ги преземе неопходните чекори за да напредува во процесот на пристапни преговори. - Европска Комисија.

Во долгата листа забелешки спомнати се и Протоколот со Бугарија, Историската комисија, но и дека во изминатите месеци на односите Скопје - Софија негативно  влијаеле изјави на одредени политичари. Во делот со Грција пак, нотирана е заклетвата на претседателката Сиљановска Давкова. 

- Во последните месеци, на односите меѓу двете земји (Северна Македонија и Бугарија) негативно влијаеа изјавите на поединечни политичари. Потребни се дополнителни напори за промовирање на атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување. Во мај, додека полагаше заклетва во Парламентот, новоизбраниот претседател на Северна Македонија ја нарече земјата како „Македонија“, наместо да го користи уставното име, практика што подоцна ја следеа неколку владини функционери, а која претставува главен прашање во спроведувањето на Договорот од Преспа. 

Најавата да се распуштат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е причина за сериозна загриженост во Брисел. Нотираат дека тоа ќе ја намали независноста на судството и се препорачува дека треба да се покаже прогрес во примената на препораките на Оценската мисија 

- Судскиот систем на Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и постигна ограничен напредок.  Најавите на новата влада за плановите за „распуштање“ на Судскиот и Обвинителскиот совет предизвикуваат сериозна загриженост, бидејќи таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството. - ЕК извештај.

Нема напредок во борба против корупцијата. Стои дека статистичката евиденција покажува влошување на состојбата, а се споменуваат и измените на Кривичниот закон со кои се намалија казните.

- Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост. Резултатите во борбата против корупцијата се влошија. Сè уште постојат загрижувачки шеми во врска со зголемениот број на одложувања во судските постапки и зголемувањето на поништувањата на судските пресуди за корупција и организиран криминал. - ЕК извештај.

Според извештајот Секретаријатот за европски прашања кое сега стана Министерство нема капацитет да го води процесот и се нотира дека е потребна координација со МНР и Парламентот. Од друга страна за работата на Собранието и оваа година нотирано е дека е  нарушена од политичка поларизација, а продолжува злоупотребата на европското знаменце.