Извештај на ЕК: Борбата со корупција „без прогрес“, реформите во судството со „одреден напредок“

Сериозни слабости кои се провлекуваат со години, а прават како што се нотира во извештајот на ЕК, црна слика во судството... Брисел оцени дека мешањето во судовите останува сериозна грижа.  Земјата усвојува закони, но целокупната независност на судството и финансиската автономија се поткопани од постојаното мешање од други државни гранки

„Мешањето во судовите останува сериозна грижа. Провокативните изјави на високи политичари во врска со плановите за „чистење“ на правосудството и обвинителството, вклучително и личните критики упатени кон судии и обвинители, претставуваат недозволено влијание и заплашување, со што се поткопува независноста на правосудството. Во ноември 2025 година, во еден досега незабележан потег, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии излегоа со заедничка реакција на постојаните, неосновани јавни критики што доаѓаа од највисоките нивоа на власта. Во својата декларација, тие потсетија дека ваквите изјави го поткопуваат демократскиот принцип на поделба на власта и ја истакнаа потребата од почитување на независноста на судството“, стои во извештајот на ЕК.

Во борбата со корупцијата нема напредок, се наведува во извештајот. Псоебно место и за Кривичниот законик. 

„Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба, не ги отстрануваат негативните последици од измените направени во 2023 година. Повторно е воведена посебна одредба за злоупотреба на службената положба во јавните набавки, но со многу потесен опсег отколку во правната рамка што важеше пред 2023 година. Ова кривично дело опфаќа само два основи, што е премногу тесно за да се опфатат други сериозни процедурални манипулации за време на постапката за јавни набавки, па затоа опсегот треба да се прошири. Исто така, измените не го решаваат соодветно влијанието на промените од 2023 година врз застарувањето на кривичното гонење“, се вели во извештајот.

И екс фунакционерот Артан Груби дел од извештајот.  

„Беа покренати различни истраги за корупција, кои се однесуваат на злоупотреба на јавни средства и други форми на корупција. Некои од истрагите резултираа со обвиненија, како на пример во случајот што го вклучува директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Поранешен заменик-премиер за кој беше издадена меѓународна потерница, се врати во земјата, беше ставен во домашен притвор и му се суди по обвиненија за корупција, злоупотреба на службената положба и прекршување на законите за јавни набавки. Сепак, сè уште постојат значителни системски предизвици во претворањето на истражните напори во конкретни резултати, особено во однос на ефикасните судски постапки и повратот на имот“, оценува Европската комисија.

Според Брисел, случаите на корупција на високо ниво продолжуваат да се соочуваат со одложувања и достигнување рок на застарување. Следната година Македонија треба да усвои нов КЗ и нов Закон за кривична постапка во согласност со меѓународните стандарди, да го подобри својот увид во случаите на корупција на високо ниво со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонења, конечни пресуди  – се наведува во извештајот.