Извештај на ЕК: Без уставни измени, блокирани преговори со ЕУ

Новиот извештај на ЕК нотира – Македонија не направи чекори за усвојување на уставните измени, нема напредок во судството, сериозна загриженост за корупцијата, нотирана трагедијата во Кочани. 

Во документот од Брисел уште на првата страница е забележано дека билатералните договори со Грција и Бугарија треба да се спроведат во добра волја. Стои дека политичка поларизација во парламентот го одложила усвојувањето на важни реформи за ЕУ, а дека уставните измени не се донесени затоа што Собранието не направило обид. 

- Не беа направени обиди за усвојување на потребните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне, со цел да се обезбеди дека Уставот ги опфаќа граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите. Потребни се трајни и решителни чекори за забрзување на спроведувањето на сите реформи поврзани со ЕУ, надвор од оние од Агендата за реформи и за напредок во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка е од витално значење во овој поглед, пишува во документот. 

Нема прогрес во борбата против корупцијата – во Брисел со сериозна загриженост  ја нотираат и трагедијата во Кочани. Стои дека Јавното обвинителство покрена обвинение, но и дека меѓу обвинетите се градоначалници, инспектори, поранешни министри и вработени во државни институции. 

-Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост. Трагедијата од 16 март 2025 година во Кочани, каде за време на пожар изгоре клуб, при што загинаа 62 лица, а над 190 беа повредени, откри трајни системски предизвици во врска со спроведувањето на антикорупциските мерки. Превентивните мерки и ефикасното потиснување на корупцијата треба да се подобрат, пишува во извештајот. 

Досегашната светла точка во извештаите за напредокот на земјата - Државната комисија за спречување корупција ( ДКСК ), Брисел ја потенцира како негативен пример - нотирајки го обвинението против Димитровска и ставајки го кредибилитетот на институцијата под знак прашалник 

-Обвинението поднесено против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), што доведе до нејзина оставка, го доведе во прашање кредибилитетот на институцијата. ДКСК треба проактивно да дава насоки за политиките за спречување на корупцијата, да открива и пријавува наводни случаи на корупција и да ја зголемува својата ефикасност во проверката на анкетните листови и надзорот над финансирањето на изборните кампањи, стои во извештајот. 

Брисел бара во следната година да се усвои нов Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди. Без напредок се и реформите во судството, иако функционирањето на судскиот систем се наоѓа меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност. 

- Целокупната независност и финансиска автономија на судството се поткопани од мешањето и притисокот од другите државни гранки, вклучително и обидите на Парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, како и ограничените доделени финансиски ресурси, пишува во документот. 

Според Европската Комисија, зголемени се скратените постапки со еу знаменце и тие треба да се ограничат и да не се злоуботребуваат. Брисел забележува дека владината коалиција е стабилна, а Рамковниот договор се спроведува. Нотирано е дека министерството за европски прашања нема доволно ресурси.