Израелските власти ги прекинуваат сите врски со појасот Газа, во Тел Авив средба Блинкен - Нетанјаху

Тројца македонски државјани, татко и две деца, безбедно ја напуштија Газа. После неколку недели заглавени во појасот, тројцата македонци ја минаа граничната линија и се упатија кон египетската престолнина Каиро.

Преку преминот Рафах се евакуираше и мајката на децата, која има палестински документи. Во Газа има уште еден македонски брачен пар, кои исто така чекаат за евакуација.

- Со нив, преку Рафах се евакуираше и мајката на децата, која има палестинска патна исправа. Во Газа има уште двајца наши граѓани, брачен пар, кои се исто така вклучени во официјалните листи за евакуација, но нивното напуштање на Газа зависи од околностите на терен, односно безбедносната проценка кој дел од Газа е најпогоден, а со тоа и потребата за итна евакуација на странските државјани. - велат од МНР.

По неколку неделни жестики напади врз појасот, израелската армија соопшти дека целосно го опколила градот Газа..Израел во изминативе денови ги зголеми нападите врз Појасот и испрати огромен број војници на палестинската територија контролирана од Хамас. 

„Војниците го завршија опкружувањето на градот Газа, центарот на терористичката организација Хамас. Израел е во војна со Хамас а не со цивилите кои живеат таму. Хамас не го интересираат луѓето кои живеат таму. Ние се бориме за да ги ослободиме нашите заложници.“ - изјави Даниел Хагари портпарол на армијата на Израел.

Борби има и на северната граница со Либан каде израелската армија е во судир со борците на Хезболах. Се обрати и првиот човек на либанска милитантната група а старавувањата се дека Хезболах би можел да отвори нов фронт и војната да се прошири во целиот регион.

„Натадот на 7-ми октомври е целосно палестинска битка и нема врска со ниту едно регионално прашање. Сите мора да разберат дека вистинските носители на одлуки се водачите на отпорот и застапниците на каузата. Операцијата предизвика сеизмичка промена во безбедносните, воените, психолошките и моралните аспекти на окупаторскиот ентитет. Докажа дека окупаторот е послаб од пајакова мрежа. Тајмингот беше пресметан и го остави ентитетот во состојба на конфузија.“ - изјави Хасан Насралах лидер на Хезболах.

Американскиот претседател Џо Бајден ја повтори поддршката на неговата земја за Израел, порачувајќи дека Израел има право да се брани. Со ист став е и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој е во трета посета на Израел за само од еден месец.

„Остануваме со Израел. Тој има право и обврска да се брани и да обезбеди никогаш повеќе да не се повторат настаните од 7 октомври. Но во исто време, важно е да се мисли и на цивилите кои се фатени во вкрстен оган ..Мора да се направи се за да се заштитат и да им се даде помош на оние кои очајно им треба.“ - изјави Ентони Блинкен државен секретар на САД.

Израелските власти најавија прекин на сите врски со појасот Газа и ги протеруваат палестинците вработени во Израел. Иако Хамас ја презеде контролата врз Газа во 2007 година од палестинската управа, во која доминира ривалската фракција Фатах, оваа управа продолжи да плаќа десетици илјади државни службеници во енклавата. Во Појасот Газа, невработеноста е околу 50 отсто, а работните места во Израел се исклучително барани.