Израелските авиони уништија стотици ракетни фрлачи на Хезболах наменети за израелската територија
Координираните напади на Израел врз припадниците на Хезболах со експлозиви скриени во пејџери и воки-токи, повторно го доведоа Блискиот Исток на работ на поширок конфликт. Фокусот сега е на тоа кои ќе бидат следните потези на Хезболах и Израел, при што Советот за безбедност на Обединетите нации во петок ќе одржи итен состанок за да разговара за ситуацијата.
Најмалку 37 луѓе загинаа во експлозиите, меѓу кои и деца, а речиси 3.000 беа ранети. Хезболах соопшти дека најмалку 38 нејзини членови биле убиени од вторникот. Водачот на Хезболах, Хасан Насралах ги осуди двојните напади, нарекувајќи ги „масакри“ кои „ги преминаа сите црвени линии“ бидејќи уредите експлодираа на јавни површини, а меѓу повредените имаше и цивили. Засега сите компании и земји отрфлуваат било каква поврзаност со изработката на смртносните пејџери.
Прво тоа го направи тајванската компанија чив бренд биле уредите, потоа се огласи Унгарија а сега учество во операцијата негира и Бугарија. Бугарските власти денеска соопштија дека компанијата „Норта Глобал“, со седиште во Софија, нема никаква врска со испораката кон либанската милитантна група Хезболах на комуникациски уреди што експлодираа.
- По проверките, неспорно е утврдено дека ниедна комуникациска опрема, што одговара на онаа што експлодираше на 17 септември, не била увезена, извезена или произведена во Бугарија“. - Агенцијата за национална безбедност на Бугарија
Во меѓувреме и катарската авиокомпанија „Катар ервејс“ им забрани на патниците да носат пејџери во багажот. Забраната се однесува на патниците на таа авиокомпанија на летовите од Бејрут, а е донесена во согласност со директивите на Генералниот директорат за цивилно воздухопловство на Република Либан.
Израелски воени авиони доцна синоќа извршиле десетици напади врз цели во јужен Либан, a три либански безбедносни извори за новинската агенција Ројтерс изјавиле дека станува збор за досега најтешките воздушни напади од почетокот на конфликтот во октомври минатата година. Израелската војска соопштила дека во нападите се погодени стотици ракетни лансери кои, според тврдењата, биле подготвени за употреба врз цели во Израел.