Израел му предал стари „Патриот“ системи на Киев, потврди амбасадорот
Израелскиот амбасадор во Украина, Михаел Бродски, изјави дека неговата земја ѝ предала на Украина противвоздушни системи „Патриот“ кои Израел ги добил од САД во почетокот на 1990-тите години, јави Укринформ, повикувајќи се на првото интервју на Бродски дадено на украински јазик.
– На почетокот на 1990-тите, за време на Првата војна во Заливот (операција „Пустинска бура“, 17 јануари – 28 февруари 1991), добивме системи „Патриот“ од САД. Тие системи сега се наоѓаат во Украина – тоа се истите што беа во израелскиот арсенал тогаш, а подоцна се договоривме да ги префрлиме на Украина. За жал, за ова малку се зборува, но кога некои тврдат дека Израел не ѝ помага на Украина воено, тоа не е точно. Израел помогна, и тоа воено, нагласи Бродски.
На прашањето зошто Израел не ја коментира јавно воената помош, амбасадорот рече дека тоа е „чувствителна тема“ која треба да се решава преку специјални комуникациски канали.
– Секогаш нагласувам дека ваквите прашања е подобро да се решаваат не преку медиуми, туку по специјални канали. Затоа оваа тема треба да ја оставиме на експертите што работат на неа, додаде тој.
Укринформ потсетува дека неодамна германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Германија ѝ предала на Украина една четвртина од своите системи „Патриот“, но веќе не може да испорача повеќе. Сепак, Берлин бара начин да купи дополнителни системи од партнери за да ги префрли на Киев.