Израел ја окупираше болницата „Ал Шифа“ во Газа, бара милитанти на Хамас

Израелската војска влезе во болницата „Ал Шифа“, медицинскиот комплекс за кој тврдат дека е главен центар од каде се контролираат операциите на Хамас. Целата населба е опколена со тенкови а војската ги повикува борците на Хамас кои се кријат во најголемата болница во Газа, да се предадат.

„Врз основа на разузнавачките информации, Израелските одбранбени сили изведуваат прецизна и насочена операција против Хамас во одредена област во болницата ‘Ал-Шифа‘. Во операцијата учествуваат тимови специјално обучувани за вакво сложено и чувствително окружување, со цел да не се загрозат цивилите.“ - веат од армијата на .Израел

И покрај упадот на израелските војници, докторите и останатиот медицински персонал од болницата, одбиваат да се евакуираат и да ги напуштат пациентите. Од министерството за здравство на Газа велат дека армијата врши претреси во одделите за итни случаи и хирургија, сместени во единиците за интензивна нега. Се проверуваат и подрумите на објектот.

„Се слушаат големи експлозии, а прашина доаѓа до областа каде што се наоѓаме. Веруваме дека експлозијата се случила во самата болница. Тие се во комплексот, пукаат и гранатираат. Израелските сили најпрвин ги нападнаа хируршките и итните оддели. Проблемот не се лекарите, проблемот се пациентите. Ако ги оставиме, ќе умрат. Ако ги земеме, ќе умрат по пат. Ова е проблемот, зборуваме за 700 пациенти.“ - вели д-р Ахмед Мокхалалати хирург во болницата Ал Шифа.

Во објектот се уште има стотици пациенти и медицински персонал, како и илјадници лица кои таму бараат засолниште од секојдневните напади на израелската армија.

„Ова се места за кои велат дека треба да бидат безбедни. Но ништо во Газа не е безбедно, ниту на пазар, ниту во училиште, ниту во болница.“ - вели Раед Бакер жител на Газа.

Голем број на хуманитарни организации предупредуваат дека Израел ги загрозува цивилите додека се обидува да го уништи Хамас. За Обединетиет Нации, заштитата на пациентите мора да биде на прво место. Црвениот крст и Светската здравствена организација велат деја најмногу на удар се медицинскиот персонал, пациентите и цивилите кои се засолниле во болницата.

„Бараат од докторите да ги пренесат пациенттие, знаејќи притоа дека тоа ќе ги убие. Повторно прашувам, зошто мора да се префрлат пациентите? Болница никогаш не треба да биде цел на напад.“ - изјави Маргарет Харис портпарол на СЗО.

Од Белата куќа велат дека болниците и пациентите мора да бидат заштитени и не смее да се дозволи невини луѓе кои бараат помош да бидат фатени во вкрстен оган.

А за прв пат по 7-ми октомври, цистерни со гориво влегоа во појасот Газа. Горивото ќе биде доставено до Обединетите нации за да се забрза испораката на помош. Организацијата претходно предупреди дека ќе мора да ги прекине сите операции во појасот, поради недостаток на гориво и медицински материјали.