Израел изврши напади врз воени цели во Иран, експлозии во неколку градови
Израел изврши напади врз воени цели во западен и централен Иран, објави Ројтерс, во нова ескалација на тензиите меѓу двете земји.
Според израелските власти, нападите претставуваат одговор на претходни ирански напади врз Израел, кои, како што се наведува, биле поврзани со израелски операции во Либан во последните денови.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека Израел користел балистички ракети во нападите, додека засега не е познато кои конкретни цели биле погодени.
Би-Би-Си јави дека иранската државна телевизија објавила експлозии во неколку градови, меѓу кои Техеран, Тебриз и Исфахан, како и во близина на градот Карај. Според локалните извештаи, урбаните делови на Техеран не биле директно погодени, но биле пријавени најмалку две експлозии во западните делови на главниот град.
Локалните власти во Исфахан засега не пријавуваат жртви, а обемот на материјалната штета сè уште се проценува.

