Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот во Појасот Газа

Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, ослободување на сите заложници и прекин на огнот во Газа. Претседателот Трамп објави дека очекува заложниците што ги држи Хамас да бидат ослободени наскоро. 

Доналд Трамп: „Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорената линија како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“. 

Примирјето во Газа стапува во сила денеска, а се очекува сите заложници на Хамас, вклучувајќи ги и телата на загинатите, в понеделник да им бидат предадени на семејствата. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави договорот нарекувајќи го голем ден за Израел.

Бенјамин Нетанјаху: „Ова е дипломатски успех и национална и морална победа за Државата Израел. Преку непоколеблива решителност, моќна воена акција и големите напори на нашиот голем пријател и сојузник- претседателот Трамп, стигнавме до оваа критична пресвртница“. 

Палестинците и семејствата на израелските заложници излегоа на прослави  откако беше објавено дека Израел и Хамас постигнале договор за крај на војната во Газа и за враќање на сите израелски заложници- и живи и починати. Во Тел Авив, семејствата на заложниците скандираа „Нобелова награда за Трамп“. 

Еинав Зангаукер - мајка на заложник.: „Ви благодарам претседателе Трамп. Ви благодарам на сите што помогнавте моето момче и сите заложници да се вратат дома. Нема да застанеме додека последниот заложник не се врати во Израел“. 

Хамас потврди дека се согласил со договорот, кој предвидува крај на војната во Газа, повлекување на израелските сили, влез на хуманитарна помош и размена на затвореници. Организацијата им се заблагодари на Трамп и на медијаторите од Катар, Египет и Турција, повикувајќи ја меѓународната заедница да го обврзе Израел да ги спроведе договорените обврски. Светските лидери го поздравија мировниот договор за Газа нарекувајќи го „историски чекор кон завршување на двегодишната војна во Газа“. 

Антонио Гутереш – генерален сокретар на ОН: „Ги повикувам сите страни целосно да го почитуваат договорот. Борбите мора да престанат еднаш засекогаш, а страдањето на цивилите мора да заврши“.

Спогодбата, која се базира на американски план од 20 точки, предвидува целосно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа, ослободување на 48 заложници и воспоставување привремена палестинска власт која ќе управува со енклавата. Претседателот Трамп предупреди дека доколку Хамас го прекрши договорот, Израел ќе има целосна поддршка од САД во спроведувањето на своите воени планови во Газа. Но, и покрај надежите дека ова би можело да доведе до крај на војната, клучните детали сè уште треба да се дискутираат. Израелските одбранбени сили велат дека северна Газа е сè уште активна борбена зона и ги предупредуваат жителите да не се враќаат.