Израел ги засилува нападите, убиени четворица новинари

Израелската армија нареди истрага за нападот врз болницата Насер во јужниот дел на Појасот Газа, во кој загинаа 19 лица, меѓу кои четворица новинари.

Израелска армија

„Израелската армија  изврши напад во околината на болницата Насер во Кан Јунис. Началникот на ГШ нареди да се спроведе прелиминарна истрага што е можно побрзо. Армијата жали поради секоја штета нанесена врз поединци кои не се вмешани“. 

Инаку, четворица новинари од различни светски медиуми се меѓу загинатите во нападот што  го изврши израелската армија врз болница во јужниот дел од Појасот Газа. Меѓу убиените се новинари од телевизиската мрежа Ал Џезира и агенциите Ројтерс и Асошиејтед прес. Палестинското Министерство за здравство соопшти дека првиот напад врз болницата се случил утрово на четвртиот кат од медицинскиот комплекс „Насер“, по што набргу потоа следувал и втор напад во кој биле погодени екипите на брзата помош и службите за итни случаи.

Пред две недели шест новинари, вклучувајќи четворица од Ал Џезира беа убиени во израелски напад во близина на болницата „Ал Шифа“ во градот Газа. Канцеларијата за човекови права на ОН го осуди тој напад, нарекувајќи го тешко кршење на меѓународното право.

Од почетокот на војната со Израел во октомври 2023 година, повеќе од 190 новинари се убиени во Појасот Газа. Израел им забрани на странските медиуми пристап до погодените области, принудувајќи ги новинските агенции да се потпрат на палестинските новинари во Газа, кои исто така се соочуваат со недостиг на храна и лекови.