Измените на Кривичниот законик ја поделија правната фела – за едни тие се само козметички за други - треба да се доработат

Предлог измените и дополнувањата на Кривичниот законик ги поделија мислењата на експертите од правосудството, адвокатите, професорите и претставниците на граѓанскиот сектор.  На јавна расправа во Законодавниот дом тие ги изнесоа своите критики и препораки за предложените законски измени. 

За дел од нив, предлог измените ќе  го зајакнат системот и ќе воведат построга казнена политика додека за останатите пак предлогот содржи структурни слабости и носи ризик од правен популизам и несразмерни казни.

Адвокатката Ружица Николовска пред присутните експрети и претставници од Собранието најмногу се осврна на измените во членот 353. Николовска ги поздрави измените во членот и потенцираше дека на таков начин државата посериозно ќе се бори против корупцијата и злоупотребата на службената положба.

Ружица Николовска, адвокат: Со предложените измени се додава и дејствије, кое се смета за противправно дејствие кое во 2023 година беше изоставено. Како дејствие на извршување на ова дело се додава и искористување на службената положба или овластување на лицето, а видно од самата одредба се зголемуваат казните, односно се заострува казнената политика. Сакам да го поздравам ваквиот текст и сметам дека со усвојување на вакви измени ќе успееме да се вратиме на нашето што можеби имавме некогаш барем теоретски и треба сериозно да се заложиме за борба против секоја корупција. 

Професорот од Универзитетот „Мајка Тереза“ Сејфула Рамадани во своето обраќање рече  дека не секогаш законските измени носат подобрувања и нагласи дека неказнивоста е многу тесно поврзана со застареност на делата. Според него,  за членот 353 добо е да се разгледаат веќе постоечки решенија од други држави кои како што рече, успешно се применуваат. 

Сејфула Рамадани, професор од Универзитет „Мајка Тереза“: Јас мислам дека ние нема да откриеме ниту да измислиме топла вода само треба да пресликаме решенија кои веќе некој во нашето соседство ги применува. Во Албанија се направи интервенција за КЗ и за кривични дела од носители на јавни функции веќе нема застареност. Значи сите тие носители на јавни државни функции кои сториле злоупотреба, независно како и кога ги сториле се повикуваат на одговорност кога ќе се откријат. 

Покрај за предлог измените во членот 353 од Кривичниот законик, на јавната расправа се зборуваше и за измената на членот 130 според кој при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или насилство од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо сторителот ќе се гони по службена должност. 

За адвокатката и претставник од организацијата Родителски фронт, Нетка Ковачева, иницирањето на ваквите измени се нужни бидејќи како што рече досегашниот пристап се покажал како неефикасен и недоволен.

Нетка Ковачева, адвокат и претставник од организацијата Родителски фронт од Струмица: Со предложената измена на член 130 од Кривичниот законик се обезбедува усогласување со одредбите од Истанбулската конвенција особено со член 55 од истата  која предвидува дека кривичните постапки не смеат во целост да зависат од пријавата или од волјата на жртвата, и дека постапката треба да продолжи и кога жртвата ќе се повлече. Со тоа, државата ја презема активната улога во гонењето на насилството и се одстранува товарот од жртвата да ја иницира и да ја одржува постапката, се зголемува ефикасноста на кривичното гонење и се испраќа јасна порака за нулта толеранција на семејно насилство.

Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, со новите измени на КЗ ќе се отстранат идни евентуални штетни последици од донесените законски измени на Кривичниот законик во септември 2023 година, а предлогот е воедно и заради исполнување на европските и меѓународните стандарди.