Измени на законот за локална самоуправа
Со 69 гласа за и 17 против пратениците во законодавниот дом ја изгласаа потребата од носењето измени во Законот за Локална самоуправа со кој треба да се избегнат предвремените локални избори во општините кои останаа со В.Д градоначалници.
Сега на потег е матичната комисија. Потребата од овие измени од говорница ја образложи координаторот на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицески кој посочи дека станува збор за привремено решение кое се однесува само на овие предвремени избори со цел да се избегнат дополнителни трошоци до следните редовни, односно општините да останат да ги водат актуелните в.д градоначалници.
Од опозициската СДСМ пак веќе се изјаснија дека нема да дадат поддршка на овие измени бидејќи како што велат на овој начин им се ускратува правото на избор на граѓаните, а на местата в.д градоначалници се поставени луѓе кои не се избор на избирачите.
Неофицијално, пратениците од ДУИ најверојатно ќе ги убедуваат нивните колеги од Европскиот фронт сите да дадат поддршка на ова законско решение во финалната фаза откако ТВ 24 неофицијално веќе објави дека најверојатно кога ќе треба да се гласаат измените во последна фаза на пленарна седница кога ќе требаат две третини и Бадентер голема е веројатноста дека пратениците на ДУИ ќе дадат подршка на ова привремено законско решение. Сепак денес од пратеничката група на ДУИ не беа расположени да дадат изјава на оваа тема.
Инаку со овие измени со Членот 4 се предвидува преодно законско решение за постапката за распишување нови избори за градоначалник, поради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членови на советите на општините и градоначалниците.
Имајќи во предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата целта поради која се предложени законските измени е општина Аеродром, Сарај и Гостивар да продолжат да ги водат в.д градоначалниците бидејќи Муцунски и Таравари преминаа во извршната власт како министри, а Блерим Беџети стана пратеник.