Изложба по повод 120 години од раѓањето на сликарот Томо Владимирски
По повод 120 години од раѓањето на еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност Томо Владимирски, вечер во 20 часот во Даут-пашиниот амам ќе биде отворена изложба која ја подготви кустосот советник Ана Франговска.
Како што информира Националата галерија, изложбата ќе биде поставена во Даут-пашиниот амам цел месец. На неа се поставени околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, а се во сопственост на фамилијата на Владимирски, но и голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на Владимирски.
Покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ја претстави личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на Владимирски во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што на самиот проект ќе му се даде, како што се наведува, една мултимедијална димензија и разновидни сензации.