Изложба на академик Васко Ташковски во Даут-пашин амам
Foto

Изложба на академик Васко Ташковски во Даут-пашин амам

Националната галерија вечерва ќе ја отвори изложбата на академик Васко Ташковски во објектот Даут-пашин амам, каде ќе бидат претставени слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на авторот.

– Ташковски е водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот, велат од Националната галерија.

Васко Ташковски е роден на 31 август 1937 година во Нижополе, Битола. Средно уметничко училиште го завршил во Скопје во 1958 година. Ташковски дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Од 1966 до 1991 година работел како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника, работел и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство.

Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Награда на СУБНОР „4 Јули“, Белград (1977), Октомвриска награда на СР Македонија, Скопје (1978), Медал на трудот од Претседателството на СФРЈ. Белград (1980) и др. Во 1994 година станува дописен член во МАНУ.

Куратор на изложбата посветена на академик Ташковски  е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.

0 Коментари

Остави коментари