Изложба „Континуитет како метафора 1967 – 2012 / 2012 – 2025“ на Васил Василев
Во Даут пашин амам вечер во 19 часот ќе биде отворена изложба на Васил Василев насловена „Континуитет како метафора 1967 – 2012 / 2012 – 2025“.
Викторија Васева Димеска, историчарка на уметност, оценува дека скулпторскиот опус на Васил Василев е континуум на темелни, истрајни и инвентивни истражувања.
Таа посочува дека асоцијативните вертикали, дел од последниот циуклус на Василев, се резиме на сите атрибути на неговото обликовно размислување, преведени и пренесени со минимални формални содржини, со концентрирање на оние круцијални севкупости на негово дело: конкавни и конвексни, мазни и рапави, темни и светли површини, содржини на растот на нивното вертикално градење, наизмнично сменување, мултиплицирање, до затворање во рамка. Рамката е начин на потенцирање, истакнување, но и смирување на разиграната, ритмична обликовна, структурална шема во јадрото, онаа слична постапка што се јавува уште во неговите дела од осумдесеттите години (Ритам, 1983), сега со еден позатворен статички ритам и посимплифицирана форма. Значи, ликовната структура на делата на уметникот од почетокот на седумдесеттите години, континуирано се движи до најновите негови остварувања. Во нив се содржани и цртежот и релјефот, архитектонското редење на тогаш понагласени волумени, како и пиктуралните примеси (главно во згаснати тоналитети со патина на дрвото), вели Васева Димеска.

