ИЗЈ: За 12,3% зголемен број на заразени деца со ковид 19 од 10 до 19 години
За 12% е зголемена бројката на заразени во возрасната група од 10 до 19 години во споредба со претходната недела, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во детската болница КОЗЛЕ хоспитализирани се 17 деца, од кои две се на кислородна поддршка. Најголемиот дел од нив сe на школска возраст. Сепак лекарите велат дека состојбата не е алармантна. Иако бројот на заразени расте, нема зголемен број на хоспитализации. Децата најчесто вирусот го добиле од родителите, а не во училиштата.
Очекуваат скринингот во училиштата да покаже каква е состојбата со Ковидот помеѓу учениците и да се откријат евентуални асимптоматски носители на вирусот, бидејќи велат децата најчесто немале симпотми.
„Тоа е многу важно што можеби требаше и порано да се направи во моментот кога се отвораа училиштата, но и сега не е доцна, значи скринингот треба да се направи и кај возрасните, наставниците и сите во образовниот систем, а и кај малите деца, кој е позитивен, кој треба да седи во изолација и верувам со скринингот ќе опадне и бројот на заразени.“ - вели Д-р Бесник Зекири - директор на ЈЗУ Инситутот за белодробни заболувања кај деца КОЗЛЕ.
Од Министерството за здравство велат дека се уште се подготвува методологијата на скринингот односно - кога, како и кои ученици ќе се тестираат.
Во меѓувреме пак училиштата чекаат насоки од Министерството за образование. Директорот на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“' вели дека дел од родителите се согласни да се тестираат учениците, друг дел не се, но според него тестирањето треба да го прави здравствениот, а не наставниот кадар.
„Ние како училиште се уште немаме добиено ништо официјално како би се одвивал тој скрининг, како би одело тоа кој ќе ги тестира учениците, едноставно сега за сега немаме ништо офциијално, се она што го имаме чуено е преку медиумите дека ќе има скрининг, децата си ги почитуваат мерките редовно си носат маска.“ - вели Марјан Јовановски – Директор на ОУ Ѓорѓија Пулевски.
Според првичните проценки за да се направи скринингот ќе бидат потребни 40.000 до 50.000 тестови, а опфатени ќе бидат учениците и во основните и средните училишта.
Она што засега се знае е дека скринингот на учениците ќе се прави со брзи антигенски тестови, а целта на тестирањето според здравствените власти е да се добие јасна слика за состојбата со ковидот кај учениците, за понатамашен менаџмент на образовниот систем.

