Изгубени речиси 7.000 работни места во текстилниот сектор
Foto

Изгубени речиси 7.000 работни места во текстилниот сектор

Корона - кризата лани изеде речиси 6.800 работни места во текстилната индустрија. Тоа е нешто повеќе од една третина од вкупниот број ново-невработени во државава. 

Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово се петте општини каде има најголем пад на вработените во текстилството. Загрижува што пораснал и бројот на млади до 29 години што останале без работа. Освен Штип и Прилеп на оваа неславна листа се и Струмица, Радовиш и Кочани. Основ за намалувањето во најголем дел не се откази туку истек на договорот на определено време покажало истражувањето на невладината ЗМАИ. 

Во 2020 година овој основ бележи раст од 123%. Но значителен дел отпаѓа и на спогодбените откази што особено биле карактеристични за првата половина од минатата година.

Очекувано овие превирања во текстилството најмногу ќе го погодат истокот од државата бидејќи дури 40% од текстилните фабрики се лоцирани во овој регион. 

Работодавачите, сметаат дека ако прекине владината субвенција на плати може да следи нов бран на отпуштања. Единствен начин да се задржат работните места е да се продолжи оваа мерка што ќе им овозможи на текстилните работници да го преживеат периодот на затвореност, рече Маријана Перковска од „Кластерот за текстил“ во 24 Анализа посветена на владините мерки.

Според проценките на компаниите кризата би можела да потрае до мај, но бизнисот бара Собранието што поскоро да го донесе последниот сет мерки каде се предвидува субвенција на платите. Текстилството вработува над 30.000 луѓе во државата, а во вкупниот извоз учествува со 10 проценти.

0 Коментари

Остави коментари