Изградена само една третина од штипската болница

Се потрошиле 11,3 милиони евра, а не се завршиле ниту една третина од работите на новата Клиничка болница во Штип. Изведувачот, грчки „Интракат“ веќе доби нов рок до декември годинава да ја заврши оваа фаза што требаше да биде готова пред три години.

Последните исплати кон изведувачот се направени во декември лани и кон средината на јануари годинава. Само во декември на сметката им легнале околу 1,6 милиони евра. Од Министерството за здравство, велат работите не стојат туку се работи на терен.

„На објектот на КБ Штип работат до 100 работници на дневно ниво и активно се работи на поставување челична конструкција, поставување спуштен плафон во објект на линеарен акцелератор, како и завршни работи на фасадата и други технички градежни активности“, пишува во одговорот на Министерството за здравство

Од Министерството за здравство велат крајниот рок за завршување на целиот објект е јуни 2023-та. Но комплетирањето на целата Клиничка болница, според проектот опфаќа и уривање и повторна изградба на помал објект што треба да се поврзе со новоизградената болница на просторот каде сега се наоѓа лабараторија и рентген. Но, со оглед на динамиката на реализација и повлекувањето на Банката при Советот на Европа тешко дека ќе биде испочитуван.

Ако се земе во предвид дека на стартот беше најавено дека целиот проект ќе чини 30 милиони евра, треба да се најдат безмалку 19 милиони евра за заокружување на изградбата. Од надлежните Министерства молк како и од каде ќе се најдат средства. Од Финансии топката ја префрлија во Здравство, а од таму чекаат Финансии да најде нов извор на пари.