Изградбата на новиот Клинички центар во Штип заглави, и по 7 години жителите од источниот регион сè уште чекаат да се изгради

3 март 2016 година е датумот кога беше поставен камен темелникот на новиот Клинички Центар во Штип, кој до денес над 200.000 жители од источниот регион веќе седма година по ред го чекаат да се изгради.

Штип ќе добие најсовремена Клиничка болница, почнува изградбата на новиот објект на штипската болница, Голема капитална инвестиција во македонското здравство. Ова беа само дел од насловите пред седум години, кога граѓаните на истокот очекуваа нова, современа болница по европски стандарди, но, од сето ова останаа само ветувањата.

Откако во 2016 година со 27 милиони евра кредит од Банката на Советот на Европа, започна изградбата, истата запре заради долг на изведувачот кон штипски “Бетон“ како подизведувач. Банката го запре финансирањето заради доцнење на изградбата, по што владата одлучи да ја финансира изградбата. Минатата година градежните компании постигнаа договор за продолжување на соработката и беше надмината  пречката која ја закочи изградбата на новата болница.

По тригодишниот судски спор во кој штипски “Бетон“ побаруваше околу два милиони евра од главниот изведувач грчки “Инатракат“ беше постигната вонсудска спогодба, а главен медијатор беше штипскиот градоначалник. 

ТВ 24 стапи во контакт и со ресорното министерство и прашавме, зошто се стопирани градежните активности, дали е изготвена финансиска конструкција за целосна изградба и дали до крајот на оваа година граѓаните од истокот ќе добијат нова болница? 

- Се прават максимални напори со изведувачот и Владата на РСМ за забрзување на динамиката за реализација на овој проект за кој веќе има финансиска конструкција. Се прават максимални напори и заложбата е забрзување на динамиката за реализација. Инаку досега процентот на реализација е околу 40%.“ - велат од Министерството за здравство.

Бидејќи максималните напори на терен не се очигледни, па го прашавме и Премиерот, дали во блиска иднина штипјани ќе ја добијат долгоочекуваната Болница, која им е неопходна.

Факт е дека објектот, кој навлезе во својата седма година од изградба, е во фаза на внатрешно уредување, иако има уште делови од надворешната фасада, кои чекаат на завршување, но во меѓувреме најзасегнатите од целата оваа ситуација и понатаму се приморани да се лекуваат во сегашниот објект на Клиничката болница, која одамна бара итно реновирање. 

ТВ 24 се обиде да добие одговори и од подизведувачот, штипски “Бетон“, меѓутоа нивните административни канцеларии во Штип одамна се затворени.

Сепак, јавноста заслужува одговори, бидејќи станува збор за изградба на нова најсовремена Клиничка болница во Штип, според врвни светски стандарди која беше проектирана да се протега на 34.000 метри квадратни површина, на осум спратови, хелидром и капацитет од 300 болнички кревети. 

Во овој лавиринт на договори, изведувач-подизведувач, судски спор, крајно неизвесно е што понатаму ќе се случува со објектот, кој требаше да биде најсовремен Клинички центар во Источна Македонија.