Изготвена е финансиската конструкција за изградба на новата клиничка болница во Штип

За изградба на штипската клиничка болница од Буџетот за 2023 година се планирани 600.000 евра помалку средства во споредба со ребалансот на буџетот, а дополнително ќе се зема и заем, но од каде, засега без конкретен одговор од Министерството за здравство.

- Во новиот буџет се планирани 85 мил. денари од Буџет и 72 мил ден. од заем.

Откако во 2016 година со 27 милиони евра кредит од Банката на Советот на Европа, започна изградбата на новата клиничка болница во Штип, истата запре пред две години заради долг на изведувачот кон штипски “Бетон“ како подизведувач. Банката го запре финансирањето заради доцнење на изградбата, по што владата одлучи да ја финансира изградбата. Минатиот месец градежните компании постигнаа договор за продолжување на соработката и беше надмината  пречката која ја закочи изградбата на новата клиничка болница. После тригодишниот судски спор во кој штипски “Бетон“ побаруваше околу два милиони евра од главниот изведувач беше постигната вонсудска спогодба, а главен медијатор беше штипскиот градоначалник. Од Министерството за здравство информираа дека е одржан состанокот со новите сопственици на Изведувачот. 

- Да, одржан е состанок со новите сопственици на изведувачот на Клиничка болница во Штип каде од нивна страна се преземени конкретни обврски во насока на реализација на овој Проект. Од реализација на овие преземени обврски ќе зависи преземањето на наредните чекори.

-  Работите се одвиваат во континуитет и се прави напор да се интензивира динамиката.

Инаку, Штипската Клиничка болница се гради пет години, а досега градежните работи на терен се реализирани околу 40%.