Изгласан законот за заем за автопатот Кичево-Охрид

Со поддршка и од власта и опозицијата во законодавниот дом изгласан законот за договор за заем за доизградба на автопатот Кичево Охрид. Сепак и денешниот втор ден од расправата помина во насока на обвинувања на релација власт и опозиција.

Што е ветено а што исполнето од изборните програми на партиите, каде се ветените 600 километри нови патишта, или власта сака да ги оправда со реновирањето на веќе наследените проекти.

Министерот Сугаревски и денеска во дебата со пратениците од опозициската ВМРО ДПМНЕ кои тврдат дека новите 180 милиони долари задолжување ќе ги плаќаат тие и граѓаните но посочија дека на крај ќе го поддржат законското решение. Сугаревски пак со обвинувања на сметка на претходната влада дека за клучките на автопатот не предвидела сретства кога го проектирала.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак со порака до ресорниот министер и парламентарното мнозинство дека сега има сретства и крајно време било како што посочија автопатот да биде направен - од власта пак возвратија со споредба на цените.

Законот за заем за доизградба на автопатот Кичево Охрид во законодавниот дом се разгледуваше по скратена постапка а по неговото изгласување она што следува е склучување на договорот за заем меѓу Експорт – импорт банка на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.

Новиот заем за автопатот државата ќе ја чини 179 милиони долари. Во меѓувреме, на терен продолжува изградбата на неспорните делови од делницата долга 57 километри, со ветување дека првите километри автопат меѓу Врбјани и Охрид ќе бидат пуштени во употреба во 2020 година. До моментов, завршени се над 75 отсто од севкупните градежни работи на автопатот а пробиени се околу 96 отсто од трасата. Крајниот рок на неговото ставање во функција за возачите според предвидувањата досега беше до првата половина на 2021 година.