Изгласан новиот состав на Европската Комисија
Foto

Изгласан новиот состав на Европската Комисија

Целосна поддршка за отворање преговори со Македонија и Албанија, испрати новата Претседателка на Европската Комисија. Со доцнење од еден месец, Европарламентот денеска ја крена рампата за тимот на Урсула Фон Дер Лајен кој допрва има рок од два месеци да состави и објави нова методологија за проширување.

Дека Балканот е далеку од приоритет во новата агенда на ЕУ покажува и тоа што од 16 страници говор на Првата Жена која во следните 5 години ќе ја предводи Европската Комисија, земјите од Западен Балкан добија само една реченица:

„Треба да им покажеме на нашите пријатели на Западен Балкан дека споделуваме ист континент, иста историја, иста култура и ја делиме истата судбина. Нашите врати остануваат отворени.“ - изјави Урсула Фон Дер Лајен претседателка на Европска Комисија.

Длабоките поделби во Унијата на леви и десни сили се се поизразени, а тимот на Урсула треба да понуди нов комплексен модел со кои интересите на сите ќе бидат задоволени.

Потпретседателот на Европскиот Парламент Пападимулис во екслузивно интервју за Трилинг на Тв 24 вели дека единствениот начин Унијата да се соочи со предизвиците е да продолжи со процесот на обединување.

„Имаме социјални и регионални нееднаквости, дистанцираност помеѓу богатите и сиромашните внатре во самата Унија помеѓу земјите членки и таа постојано расте. Европската Унија е како велосипед, ако сакаме да се движи мора да вртиме со педалите. Многу важно за Европската Унија е да го зајакне своето обединување внатре и да го приклучи Балканот за да ја заштити својата независност од надворешни влијанија.“ - изјави Димитрис Пападимулис потпретседател на Европски Парламент.

Во меѓувреме патот на новата Комисија не беше лесен. Урсула Фон Дер Лајен ова лето во Стразбур доби мало мнозинство со само 9 гласа, а Европарламентот и отфрли 3ца кандидати за еврокомесари. До пред неколку дена, во Европскиот парламент имаше и правни проблеми - затоа што Велика Британија упорно одбиваше да го номинира својот кандидат за Европската комисија, за на крај да се заклучи дека легално може да се започне со работа без ниту еден Британец.

Конечно денеска со 461 пратеник „За“, 157 против и 89 воздржани, се изгласа новиот состав на Комсијата кој ќе започне со работа од 1ви декември.

0 Коментари

Остави коментари