Издадени првите дозволи за работници од Бангладеш и Непал во Македонија

Агенцијата за вработување од почетокот на годинава заклучно со вчера има издадено позитивни мислења за издавање работна дозвола за странец до Министерството за внатрешни работи за две лица од Непал, како и за 10 лица од Пакистан. Од Бангладеш засега нема поднесени барања.

„Оваа надлежност произлегува од Законот за вработување и работа на странци и Законот за странци, подзаконските акти кои ја доуредуваат материјата и одлуката за определување на квотите на работни дозволи за странци“, појаснуваат од Агенцијата за вработување.

Претходно, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи информираше дека од почетокот на годинава преку 3.000 странски граѓани добиле дозвола да работат во земјава на годишна квота од 5.000. 

Во самите комори од секторите угостителство, туризам и градежништво подолго време алармираат дека во недостиг на домашна работна сила, се приморани да посегнат по странски работници од Далечниот Исток, со барање уште повеќе да се либерализира пазарот на труд.