Изборите ќе ги мониторираат 3.094 домашни и 419 странски набљудувачи
Foto

Изборите ќе ги мониторираат 3.094 домашни и 419 странски набљудувачи

Шестите по ред претседателски избори во земјава ќе ги мониторираат 3.094 домашни и 419 странски набљудувачи. Со најголем број домашни набљудувачи ќе биде застапена граѓанската асоцијација МОСТ или нешто повеќе од 1 500 набљудувачи кои на терен будно ќе ги следат гласањето, можностите за какви било изборни нерегуларности, а дополнително, 80 набљудувачи ќе ја надгледуваат и работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија. 

„Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе ја следат постапката на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ ќе распореди и 100 мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат гласачките места на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.“ - изјави Златко Димитриовски – МОСТ.

Изборот на петтиот претседател на Македонија ќе го набљудуваат и 240 набљудувачи на меѓународната набљудувачка мисија за изборите ОБСЕ/ОДИХР. Шефицата на Мисијата за набљудување на претседателските избри на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер во интервју за МИА посочи дека набљудувачите ќе бидат распоредени рамномерно насекаде низ државата, со цел да се овозможи репрезентативен и непристрасен примерок, врз кој ќе ги дадат нивните оценки. Дополнително претседателските избори ќе ги следат и набљудувачи и од Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Мисијата се состои од различни групи на набљудувачи –краткорочни набљудувачи испратени од земјите-членки на ОБСЕ, и тие се најголемата група што е составена од 150 набљудувачи. Нас исто така ќе ни се приклучат и две парламентарни собранија, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа. Тие вклучуваат вкупно 60 набљудувачи.“ - изјави Корин Јонкер – ОБСЕ/ОДИХР.

Јонкер ги повикува кандидатите и политичките партии да ја известат Мисијата доколку во текот на изборниот ден се појават конкретни проблеми.

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, и има мандат од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. За претседател може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години и кое е државјанини на Македонија, односно за претседател не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.

0 Коментари

Остави коментари