Изборите, евроинтеграциите, Изборниот законик и техничката влада - теми на лидерската средба во Собранието

Во Собранието денеска напладне се очекува да започне средбата на лидерите на најголемите парламентарни партии во земјата - владејачките СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Левица, партиите од Европскиот сојуз за промени, на која треба да се разговара за претседателските и парламентарните избори 2024 година, но и за евроинтеграциите и техничката влада. На средбата која треба да започне во 12 часот, ќе присуствува и претседателот на Собранието Талат Џафери. 

Најголем дел од парламентарните партии го потврдија присуството на средбата. Првите луѓе на партиите се очекува да го договорат датумот за претседателските и парламентарните избори, а извесно е дека тие ќе се одржат во мај.

Лидерите на најголемите политички партии во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.