Изборите договорени, прв круг претседателски на 24 април, парламентарните со вториот круг за претседател на 8 мај

Додека Македонија тагува, власта и опозицијата договорија избори. На 24 април ќе се оддржи првиот круг од претседателските, а на 8 мај ќе се оддржат вториот круг од претседателските и парламентарните избори.

Договор падна и за измените на изборниот законик за препораките на ОБСЕ/ОДИХР , кои наскоро ќе влезат во собраниска процедура. Што се однесува до техничката влада и Мицкоски и Ковачевски изјавија дека прашањето било отворено. Според изјавата на премиерот, на 28 јануари во сила стапува техничката влада, а како што кажа ќе биде испочитуван коалицискиот договор, без да открие кој ќе биде техничкиот премиер. 

За тоа како ќе настапува ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада, Мицкоски рече дека допрва ќе имаат седница на највисоките органи на партијата и дека ќе донесат одлука. 

Го заокружи 4ти април како датум за старт на изборната кампања и потенцираше дека не се испочитувани 6 месеци за промена на изборниот законик. Го повтори ставот и за уставните измени. 

И додека власта и опозицијата договараат избори, новата коалиција на Меџити, Касами и Гаши обвинува дека се спрема изборен фалсификат. По неполн час од стартот на лидерската средба, челниците на Европскиот Сојуз за Промени ја напуштија салата, поради кавга со спикерот Џафери. Порачаа дека во моментот кога се разговарало за членот на Државната изборна комисија, Џафери заминал, а веднаш после него и тие. 

На лидерската денеска отсуствуваше партијата Левица, откако синоќа претседателот на партијата Апасиев, на социјалните мрежи напиша дека треба да има ден на жалост а не разговор за избори.