Избори во ек на корона криза, изминува една од најмирните кампањи
Foto

Избори во ек на корона криза, изминува една од најмирните кампањи

Кампања исполнета со чадни бомби од прислушувани разговори, мирни и тековни собири со помалце или повеќе прекршувања на протоколите, избори во ек на ковид епидемија, се на се – би рекле едни од досега најздодевните изборни циклуси во државата.

Зборовите како судбински, историски или најважни заминаа со минатите изборни циклуси. Денес кога државата е членка на НАТО и на чекор до преговори со Унијата се чини дека изборниот наратив доби своевиден друг тек.

Имаше повремени искри меѓу партиите, доминираа теми за правото и правдата, тендерите и набавките, ковид кризата, но НАТО, ЕУ и името како да беа во втор план.

Кампањата ја одбележаа и соочувања на кандидатите во изборните единици, повремени празни столчиња, во навидум фер атмосфера.

Во 6-те изборни единици можно е за првпат да има и посериозни поместувања со оглед на направените меѓуетнички коалиции.

На полноќ почнува изборниот молк по што веќе од утре почнува гласањето, кое годинава за првпат ќе трае три дена поради актуелната ситуација со корона вирусот.

Утре ќе гласаат оние кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид 19 и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.

Немоќните и болни лица, хронично болните, времено раселените лица, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, како и затворениците и оние кои се во домашен притвор, ќе гласаат во вторник, ден пред одржувањето на изборите.

В среда, на денот на изборите, гласањето ќе почне од 7 часот, ќе трае до 21 часот, односно ќе биде продолжено два часа подолго за разлика од претходните изборни циклуси.

Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат еден милион 814 илјади 263 граѓани запишани во избирачкиот список.

0 Коментари

Остави коментари