Изборен молк пред утрешните локални избори
На ден пред изборите, гласаат лица сместени во установи за вонсемејна грижа и затворениците во КП установи, а од удобноста на своите домови гласаат болните и немоќни лица како и лицата во домашен притвор. Според информациите од Државната изборна комисија, право на глас денеска имаат 2162 затвореници и лица во домашен притвор, 8848 болни и немоќни лица и 442 лица во установи за стари лица.
Претседателот на Државната изборна комисија - Борис Кондарко потенцираше дека резултатите од гласањето на овие категории избирачи ќе бидат објавени утре.
- Ливчињата од денешното гласање поединечно се ставаат во посебен запечатен плик и во гласачката кутија. Гласачките кутии и пликовите денеска не се отвораат и нема да се објават како резултати. Tие се бројат утре, по завршување на гласањето заедно со сите други ливчиња во соодветните избирачки одбори и се евидентираат во соодветните ОИК. Резултатот од денешното гласање се брои заедно со гласачките ливчиња, се евидентира и ќе се објави утре во 20 часот, по завршувањето на гласањето, вели претседателот на ДИК Борис Кондарко.
Во однос на регистрираните неправилности, ДИК поништи една советничка листа за град Скопје откако по допрен глас утврдија дека на неа е всушност кандидирана почината личност. Партијата која ја поднела оваа советничка листа ќе добие и кривична пријава. Иако од ДИК рекоа дека вакви случаи имало и порано, сепак, се отвори дилема – како се случил овој пропуст кога за една советничката листа да биде потврдена и поднесена, лична изјава и потпис за прифаќање на кандидатурата од страна на кандидатите е задолжителна.
Утринава во општина Ново Село избирачкиот процес пак беше привремено прекинат а гласачкиот материјал повлечен, бидејќи на гласачките ливчиња, редниот број на носителите на советничките листи бил погрешно испечатен. Гласањето продолжи откако беа доставени свежно испечатани гласачки ливчиња.

