Избор на двајца нови членови на Судски совет

Судиите бираат членови на судскиот совет - двете испразнети места се очекува денеска да бидат пополнети, а гласањето започна утрово во осум часот во повеќе градови ширум земјава. Право на глас имаат вкупно 236 судии, а има вкупно двајца избирачки списоци со тројца кандидати.

Имено, еден член од судскиот совет треба да биде избран од редот на врховните судии каде е пријавен само еден кандидат, судијата Наќе Георгиев, додека другиот член на судскиот совет ќе се бира од редот на судиите во апелационото подрачје Скопје, под кое пак влегуваат и неколку основни судии од околните градови.

За ова место во судскиот совет во борба се двајца кандидати - судијката Антоанета Димовска од граѓанскиот суд Скопје, како и претседателот на основниот суд Кавадарци Лазар Нанев. За Димовска и Нанев право на глас имаат 220 судии, додека за Георгиев, како единствен кандидат од редовите на врховните судии ќе може да гласаат 16 судии.

Овие избори пак следуваат откако судиите и доскорешни членови на судскиот совет Зоран Герасимовски и Мирјана Стефкова Радева си поднесоа оставки по превирањата и скандалите во советот кои започнаа со смената на поранешната претседателчка Весна Дамева и со назначувањето на Сашко Георгиев за нов пртседател на советот.