Италијански готвачи: Во Охрид се готви без пасија, само за егзистенција
Foto

Италијански готвачи: Во Охрид се готви без пасија, само за егзистенција

Еднолична и неатрактивна е понудата на охридските ресторани, оценува врниот италијански готвач, Џорџо Диана и вели потребна е брза и сериозна реконструкција.

За подобра туристичка сезона тој предлага нови менија во рестораните во кои ќе предничи локалната кујна, но подготвена поразлично од она што се години им се нуди на гостите. Рецептот е вели да се спои традиционалното со модерното, но и во тоа готвачите да готват со пасија, а не само за да преживеат.

„Она што друго можев овде да го заприметам овде е дека го имате најдобриот домат во светот сличен на оној во Сицилија, ја имате најдобрата пастрмка. Но ако тоа не е добро прописно приготвено, атрактивно за вкус и за око, ако не се искористат сите негови вредности е исто како да возите Ферари со мотор од ФИАТ" - вели Џорџо Диана, италијански готвач.

На ист став се и домашните познавачи на гастрономијата. Велат потребни се промени, и тоа час поскоро.

„Ни недостига начинот на добра презентација на храната и правилно користење на локалните производи. Треба да работиме на креирање уникатни менија, локалните производи да ги презентираме на еден начин со кој ќе презентираме уникатно доживување пред гостите. Тоа е она што на Охрид му недостига а го заслужува" - вели Ангела Крстаноска, професор на ФТУ - Охрид.

Но освен новини во ресторанските менија, туристичките работници велат на Охрид му се потребни и промени во понудата за ноќниот живот кој и го нема, а на кој многу често реагираат туристите.

„За еден странски турист малку е несфатливо во 12 да му заврши вечерта. Освен кафана или кафуле, ние не нудиме ништо друго и затоа треба да има промени. Да се отвори некое кабаре или пак ноќен клуб, да понудиме нешто ново и малку поразлично" - вели Љупчо Лепи, туристички работник.

Со цел подигнување на нивото на гастрономската понуда и угостителските услуги преку мастер-часови со врвни готвачи, како и поголема промоција на туристичката понуда, Охрид е домаќин на второто издание на гастро-турата „Taste Ohrid" што се одржува во организација на Општината, Факултетот за туризам и угостителство и туристичкиот кластер на југозападна Македонија.

0 Коментари

Остави коментари