Истрагата се одвива континуирано, но нови детали нема
По еднонеделен молк, органите за прогон конечно проговорија за акцијата канабис. Но, освен тоа дека се запленети над 40 тони марихуана, други детали нема. Од Обвинителството за организиран криминал велат дека заедно со МВР и надлежната комисија од Министерството за здравство работат на расчистување на случајот.
Во денешното соопштение велат дека соработуваат и со обвинителството во Србија, разменуваат информации и проверуваат дали двата случаи се поврзани и од каде потекнува марихуаната.
„Јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.“
И додека органите за прогон ги дозираат информациите за овој случај, СДСМ тврди дека станува збор за голем скандал и обвинува за криминал во власта. Повикајќи се на информации дека и американската ДЕА доставила податоци до обвинителствата во Србија и Македонија, партијата прашува како пет тони марихуана ја поминале границата без поддршка од институциите.
Не останаа покуси ниту од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тие повторно го повторија тврдењето дека во случајот со 40 тони марихуана се вмешани Зоран Заев и Венко Филипче и бараат обвинителството да ја испита нивната можна поврзаност.
Екс премиерот Зоран Заев вчера ги отфрли обвинувањата и најави тужба, велејќи дека се работи за лаги. Минатата недела полицијата по налог на обвинителството запленуваше канабис во Скопје и струмичко, откако во Србија беа фатени пет тони марихуана за кои се тврдеше дека потекнуваат од земјава.

