Истрага за несреќата: Човечка грешка или грешка при изградбата на патот
Вината за кобната несреќа на автобусот на Беса транс бугарските истражтели ја насочуваат кон возачот, кој е меѓу 45-те загинати патници. Ова може да се заклучи од изјавите на обвинителот Бисер Михаилов и истражителот Марјан Маринов, кои синоќа за бугарската БТВ изнесоа детали од истрагата.
Според нив, и во лоши услови и не многу добри ознаки на патот, должност на возачот е да вози со таква брзина што во секој момент може да ја намали или да застане. За пропустите на патната инфраструктура, велат дека тие можеби придонеле за несреќата, но не може да се каже дека за тоа е виновен патот.
Сепак, независни бугарски експерти прстот го вперуваат во лошата изведба на патот. Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики во екслузивно интервју за Европат на ТВ24 вели дека во Бугарија никој не знае каква е состојбата на патиштата, оти властите не сакаат да се врши анализа и проценка.
Во моментот на несреќата, автобусот го возел возач со големо искуство. Поранешниот возач и сопственик на туристичка агенција Златко Велковски, вели дека несреќниот возач го познавал долго време и тврди дека нема шанси да удрил во оградата оти не го знаел патот.
Едно е јасно, патниците кои загинаа, не можеле да го напуштат запалениот автобус, кој се заглавил меѓу двете огради на средина од автопатот. Михаилов и Маринов тврдат дека пожарот не настанал од никакви недозволени запалливи течности, туку од искрите кои навлегле во дупнатиот резервоар за гориво. Тие утврдиле дека автобусот неодамна бил реновиран во Турција и во него била поставена комплетно нова, нефабричка опрема.
Вчера во изјава за Европат Богдан Милчев од невладиниот Институт за патна безбедност рече дека поради неправилно монтирани заштитни огради на патот, кои не го издржале не многу силниот удар во нив, автобусот на Беса транс се заглавил во стапица помеѓу две огради, а патниците не можеле да излезат од него и да се спасат од пожарот.

