Истрага: Сослушувања, собирање докази за можно проширување на истрагата

Дваесет и четири осомничени, меѓу нив екс министерот за економија, поранешната државна секретарка во министерството, последниот градоначалник, како и двајцата поранешни градоначалници веќе ги издржуваат првите 30 дена ефективен притвор. Тројца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сопственици или управители во клубот. Поради тоа што групата на осомничени е поголема, според информации на ТВ 24 тие се однесени во различни пртиворни одделенија во различни градови. 

Првата фаза од истрагата заврши со вкупно 34 осомничени, заедно со седуммината припадници на полицијата. Во предметот се опфатени и 3 фирми. Тројца од осомничените се во болница на лекување. Според информациите од обвинителството иако е завршена првата фаза од истрагата, истражните мерки продложуваат со нови сослушувања и собирање на докази.

Од обвинителството најавуваат дека ќе се зголеми опсегот на истрагата и на лица и на инситуции секаде каде ќе биде утврден сомнеж за постапување или непостапување во случајот со објектот на дискотеката „Пулс“ и натму ќе се испитува улогата на инспекторатите, минситерството за економија, дирекцијата за заштита и спасување, како и општинските испостави на инситуциите. 

„Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица кои иако биле свесни дека поради нивното сторување и несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и придонеле за катастрофалниот исход“,  најавија од обвинителството.  

Обвинителството вчера отвори официјална истрага за трагедијата посочувајќи дека до неа довеле верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица. Посебна истрага Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција води за седум осомничени началници, командири и други службени лица осомничени дека како соизвршители и овозможиле на дискотеката незаконски да добие лиценца.