Историски најтежок буџет: Рекордни 5, 3 милијарди евра, буџетска дупка 700 милиони, задолжување над 1,5 милијарди евра
Земјава ќе добие историски најголем буџет. Власта планира догодина да се потрошат речиси 5,3 милијарди евра.
Од граѓаните и стопанството во државната каса треба да се соберат 4,6 милијарди евра или 700 милиони евра повеќе од она што планираше со буџетот. Во игра се новите давачки предвидени со даночната реформа кои треба да почнат да се применуваат од наредната година, но министерот за финансии Фатмир Бесими не открива дали е во опција и прогресивниот данок.
Буџетскиот дефицит е планиран на околу 700 милиони евра или 4,6 проценти од бруто домашниот производ. Догодина ќе се задолжиме вкупно над 1,5 милијарди евра, а пари ќе позајмуваме најмногу од странство. Министерот споменува и еврообврзници кои не ги реализиравме годинава. За враќање имаме над 1 милијарда евра стари долгови.
За плати на администрацијата ќе се потрошат 567 милиони евра или 5 проценти повеќе од планираните со ребалансот за годинава. 250 милиони евра се резервирани за помош на стопaнството и граѓаните за справување со економската енергетска криза. Капиталните инвестиции се проектирани на 790 милиони евра, речиси 200 повеќе од првичниот буџет и 300 милиони евра повеќе од ребалансот.
Проекциите се дека економијата до година ќе расте 2,9 проценти, а инфлацијата е проектирана на 7,1 процент.

