Историјат на протестите во Србија: Незадоволството се акумулираше, а трагедијата во Нови Сад беше аларм за студентите
Со рушењето на штотуку реновирната натстрешница на Новосадската железничка станица на 1 ноември 2024та, започна и бранот на масовни протести и блокади низ цела Србија. Трагедијата зема 15 жртви, од кои најмладата на само пет години а помеѓу загинатите беше и македонецот Васко Саздовски.
Револтирани од одговорот на властите кои најпрвин одбиваа да ја објават целосната документација а потоа објавија контрадикторни документи за реновирањето на натстрешницата кое чинеше 65 милиони евра, граѓаните го организираа првиот протест токму во Нови Сад 5 дена после трагедијата.
Сепак, клучниот момент за масовноста на протестите и блокадите настана со мобилизирање на студентите кои веќе четврти месец блокираат повеќе од 60 факултети, кампуваат на улиците, посетија повеќе од 400 населени места и повикуваат за сеопшта борба со корупцијата во Србија, почитување на правото и преобразба на работата на државните институции. За четири месеци, масовни протести се одржаа во Нови Сад, Ниш, Крагуевац и Белград каде присуствуваа околу 100 000 луѓе.
Како што се зголемуваше масовноста на протестите и блокадите, така растеа и бројот на инциденти со прегазени, нападнати и уапсени студенти,
По инцидентот за време на блокадата на клучката Автокоманда, оставка даде и премиерот Милош Вучевиќ.
Поради уривањето на натстрешницата уапсени се десетина функционери со обвиненија за корупција, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура.
Претседателот Вучиќ, иако ја оценуваше кризата како обид за шарена револуција помогната однадвор, тврдеше дека барањата на студентите се исполнети и ги повикуваше на дијалог.
Студентите пак, одбиваат да разговараат со претседателот Вучиќ, велејќи дека тој не е надлежен да одговори на нивните барања. Тие не препознаа искрена намера на власта за нивното основно барање – промена на системот во Србија.