Истекува ултиматумот до Владата: Пелагониските сточари пред радикализација поради неисплатените субвенции
Утре истекува ултиматумот што битолските и пелагониските сточари ѝ го дадоа на Владата, со што и официјално започнува одбројувањето до најавената радикализација на нивниот револт. Откако со месеци алармираат за колапсот на млекарството, ниските откупни цени и доцнењето на државната помош, сточарите се децидни – доколку нема конкретно решение и спас за нивната егзистенција, машините и тракторите наскоро излегуваат на протест. Државата во моментов на сточарите им должи субвенции по грло добиток за цела 2025 година, а сè уште не им е исплатена ниту премијата за откупеното млеко за шест месеци од минатата година. Поддршка и исплата нема ниту за тековната година.
Пелагонија, како најголем производител на млеко во земјава, бележи загуби и поради ниската откупна цена на млекото. Наместо празни ветувања и бескрајни состаноци по институциите, овојпат бараат итни, конкретни и извршни мерки, а нивното барање е и цената да се врати на старото ниво од 32 денари за литар.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски при неодамнешната посета на Битола се обиде да ги смири тензиите. Тој порача дека средствата за сточарите се веќе обезбедени и дека субвенциите ќе легнат на нивните сметки веднаш по објавувањето на ребалансот на Буџетот во „Службен весник“. Сепак, премиерот упати и критики до секторот, обвинувајќи дека има пријави со нереално производство на млеко, поради што најави и засилени теренски контроли.

