Исплатена третата транша од унгарскиот кредит во износ од 41,3 милиони евра
41,3 милиони евра се вбризгани во стопанството за поддршка на 175 проекти на домашни компании. Развојната банка ја реализираше третата транша од унгарскиот заем. Парите веќе се трансферирани кон деловните банки, а најголем дел ќе завршат кај малите претпријатија.
- По структура на дејност, од оваа транша најголем дел од средствата се исплатени за поддршка на компаниите кои имаат дејност пред сé од областа на производството, во износ од 13,6 милиони евра. Структурата по вид на инвестиција од оваа транша е следнава: 45% во градежи, 47% во опрема, 2% во обновливи извори на енергија и 6% инвестиции во транспортни средства. Со овие средства се поддржани 9 микро, 91 мали, 57 средни и 18 големи компании во државата.
Овие пари ќе придонесат за економски раст од 3,7% оваа година и ќе обезбедат модернизација, нови вработувања и технолошки напредок во реалниот сектор, вели министерката за финасии Гордана Димитреска Кочоска.
- Со овие средства заедно со двете веќе исплатени транши од вкупно 84,54 милиони евра, поттикнуваме значајна инвестициска активност кај домашните компании и домашната економија. Тоа се вкупно 125,7 милиони евра средства кои Владата директно ги вбризга во домашната економија. Тоа се проекти кои ќе дадат значаен инпут врз економскиот раст и кои ќе бидат еден сигнал или чекор кон остварување на проекцијата од 3,7 проценти.
Од досегашниот вкупен фонд од 250 милиони евра, исплатени се 125,8 милиони за 470 проекти. На располагање остануваат уште половина од парите. Компаниите аплицираат за кредити до 10 милиони евра, со услов за сопствено учество од 20 проценти. Финансирањето е под поволни услови: фиксна камата од 1,95%, отплата до 15 години и грејс период до три години.