Иселувањето продолжува - живот во македонските села речиси и да нема

По речиси 45 години поминати во Австралија, 77-годишниот Ѓоре Митев поголемиот дел од годината го поминува во родната Македонија. Тој заедно со својата сопруга решиле да изградат божји храм во штипското село Селце.

Пред камерата на 24 објаснува дека за рекордни три месеци успеале да ја изградат црквата во селото од каде што потекнува, бидејќи како што нагласува, каменот си тежи на своето. За родната Македонија вели дека треба уште многу работи да се сменат за младите да не размислуваат за иселување.

Ниту континентот од другата страна на светот, ниту годините поминати таму, не можат да ја заменат носталгијата што го носи од Велигден до Митровден назад, во родното Селце. Вели, многу е тешко кога имаш два дома, но егзистенцијата и остварувањето на своите лични цели биле доволна причина пред 45 години да ја напушти татковината и речиси целиот свој живот да го помине надвор од границите на родната земја.

Иако во државата нема статистички податоци за тоа колку луѓе ја напуштиле земјата, но неофицијалните податоци велат дека Македонија во последните 20 години ја напуштиле најмалку 500 илјади граѓани со желба за подобар живот во земјите на Европската Унија.