Исчезна 16 годишна девојка во кочанско
Foto

Исчезна 16 годишна девојка во кочанско

Семејството Николови, од кочанско Оризари повеќе од 24 часа трага по 16 годишната Наташа. Последен пат е видена вчера во осум часот утрината, кога дома кажала дека ќе оди во училиштето. Според неофицијални информации таа никогаш не дошла до училиштето, а родителите ги молат граѓаните кои ја виделе или имаат некаква информација да се јават во најблиската полициска станица. 

16 годишната Наташа Николова не се вратила дома од вчера. Излегла утрината во осум часот. Била облечена во тренерки и носела ранец. На родителите им кажала дека ќе оди да врати книги во училиштето. Од тогаш и се губи секаква трага. Откако ја немало подолго време и не се јавувала на телефон, нејзиниот татко го побарал  класниот раководител. Таа му рекла дека вчера воопшто не било термин за враќање учебници. Никој не ја видел на вообичаените локации, ниту во кој правец се упатила. Семејството апелира сите кои ја виделе или имаат некаква информација да пријават во најблиската полициска станица.

Тетинот Драги немаше многу време за разговор. Откако му се јави некој не телефон отиде да ја бара кај браната Гратче, иако од вчера неколку пати го пребарувал тој терен. 

Од училиштето „Ѓошо Викентиев“ каде учело девојчето велат немаат повеќе информации, но велат дека вчера не било закажано нејзиниот клас да ги враќа учебниците.

„Ниту еден од нејзините сооченици вчера не бил во училиштето да ги врати учебниците бидејќи немало закажано такво нешто. Според податоците од класниот раководител таа редовно се вклучувувала на онлајн настава, но во второто полугодие ниту еднаш не одговарала усно туку на сите прашања одговарала писмено“, вели Тони Велков заменик директор на СОУ Ѓошо Викентиев. 

Дали ова има значење или не ќе покаже истрагата на полицијата што од утринава е вклучена во потрагата откако и официјално семејството ја пријави Наташа за исчезната. Полицијата била во училиштето и на другите посочени локации, но други информации не откриваат. 

„Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, велат кратко преку соопштение од СВР Штип

Од семејството за ТВ 24 велат дека телефонот и е исклучен, а нема и нови објави на социјалните мрежи кои секако не ги користела многу. На Наташа вчера и било роденден, но не го прославила со семејството. Нејзините родители се скршени од болка, но целото семејство се надева дека потрагата ќе има среќен крај.

0 Коментари

Остави коментари