Иран со беспилотни летала го нападна Израел
Техеран врши одмазднички напади по смртоносниот воздушен напад месецов во кој загинаа двајца ирански генерали, пренесоа светските агенции.
Израелската војска доцна вечерва (на 13 април) соопшти дека Иран лансирал десетици беспилотни летала кон Израел и дека времето на летот на дроновите може да трае со часови. Овој потег на Техеран доаѓа на само неколку часа откако иранската морнарица заплени брод поврзан со Израел во Ормутскиот Теснец, поттикнувајќи стравувања од распространет конфликт на Блискиот Исток.
Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари изјави дека одбраната на Израел е подготвена да се справи со нападот.
Израелските воздухопловни власти соопштија дека израелскиот воздушен простор ќе биде затворен за сите летови пред претстојното пристигнување на иранските беспилотни летала и дека сирените ќе се огласат во областите на потенцијални напади.
Два ирачки безбедносни извори изјавија за Ројтерс дека десетици дронови се забележани како летаат од Иран во правец на Израел.
Напад од Техеран се очекуваше во Израел по осомничениот израелски воздушен напад врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск, Сирија, на почетокот на минатиот месец, во кој загинаа двајца бригадни генерали.
Пишувањата на израелските медиуми дека Иран лансирал беспилотни летала кон Израел ги потврди и портпаролот на израелските одбранбени сили, Даниел Хагари.
Во јавното обраќање тој ги предупреди граѓаните кога ќе слушнат сирени да одат во засолништата и таму да чекаат дополнителни информации, како и да се информираат исклучиво преку официјални канали и да не се шират гласини. Хагари рече дека на беспилотните летала им треба некое време да стигнат до Израел и дека тоа се очекува за неколку часа.