Иран и САД договорија двонеделно примирје
Двонеделно примирје на Блискиот Исток. Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД и Иран постигнале договор за прекин на огнот. Според објава на социјалната мрежа Truth Social, прекинот на огнот е постигнат со посредство на Пакистан.
„Врз основа на разговорот со премиерот Шехбаз Шариф и фелдмаршалот Асим Мунир од Пакистан, за време на кој тие ме замолија да ја одложам деструктивната сила насочена кон Иран вечерва, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на целосно, итно и безбедно отворање на Ормутскиот теснец, се согласувам да го суспендирам бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две недели. Ова ќе биде меѓусебен прекин на огнот!“, објави Трамп.
Примирјето го потврдија и од Врховниот совет за национална безбедност на Иран, од каде што соопштија дека разговорите со претставниците на САД ќе започнат во петок во Исламабад, а Советот за национална безбедност на Иран одлучил да обезбеди условно преминување низ Ормутскиот теснец...
„Во следните две недели, безбедното минување низ Ормутскиот теснец ќе биде привремено овозможено. Навигацијата ќе биде можна само во координација со иранските вооружени сили и земајќи ги предвид постојните технички ограничувања. За безбедно минување низ стратешки важниот теснец, сите бродови ќе мора да воспостават директна комуникација и да ги координираат своите движења со иранската војска“, стои во соопштението.
Од Белата куќа го поздравија примирјето и го оценија како историска победа на САД и американската војска, кои му овозможиле на претседателот Трамп и неговиот тим да се вклучат во тешки преговори.
„Од почетокот на операцијата „Епски бес“, претседателот Трамп процени дека операцијата ќе трае од четири до шест недели. Благодарение на исклучителните способности на нашите сили, ги постигнавме и ги надминавме нашите клучни цели за 38 дена“, се вели во соопштението.
Примирјето го поздравија и дел од европските лидери. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш преку соопштението ги повикал сите страни во конфликтот на Блискиот Исток да го почитуваат меѓународното право и условите на прекинот на огнот, со цел да се отвори пат кон траен и сеопфатен мир во регионот.
Инаку, од страна на Иран, за постигнување на ова привремено примирје бил предложен план од десет точки, а Примирјето веднаш се одрази и врз пазарите на енергенси, каде што цените бележат пад, а во Израел предизвика бурни реакции, при што премиерот Нетанјаху беше остро критикуван.

