Иран го отфрли американскиот предлог

Иран го отфрли американскиот предлог посредуван од Пакистан за итен прекин на огнот и укинување на ефективната блокада на Ормутскиот теснец, по што треба да следат разговори за пошироко мировно решение во рок од 15 до 20 дена.

Ирански функционер ги повика младите од Исламската Република да формираат човечки штит околу електраните во земјата. 

Алиреза Рахими -  Врховен совет на млади

„Ги поканувам сите наши млади, спортисти, уметници, студенти, универзитетски студенти и професори. Сите околу електраните без разлика на вашата политичка гледна точка. Соберете се да му кажете на светот дека нападот врз јавната инфраструктура е воено злосторство“.

Одговорот на Иран се состоеше од 10 точки, вклучувајќи прекин на непријателствата во регионот, протокол за безбеден премин низ Ормутскиот теснец, укинување на санкциите и реконструкција. Претходно, Трамп рече дека „целата земја може да биде уништена за една ноќ, а таа ноќ може да биде вечер“. Тој се закани дека ќе ги уништи електраните и инфраструктурата на Иран ако Техеран одбие да се придржува до крајниот рок. 

Доналд Трамп – претседател на САД

„Некои велат тој нема план. Јас го имам најдобриот план од сите. Но, нема да ви кажам каков е. Тие сакаат да кажам, еве го мојот план, ќе нападнеме, а потоа ќе го направиме ова или она. Овие луѓе овде знаат каков е планот“.

Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е на лекување во градот Ком и, според проценката на разузнавањето врз основа на американски и израелски податоци, тој е неспособен да ја води земјата, објавува „Тајмс“. Во документот се вели дека Хамнеи  е во кома и во критична состојба по воздушниот напад во кој бил убиен неговиот татко, долгогодишниот врховен лидер на Иран, Али Хамнеи.

Советот за безбедност на ОН треба да гласа за резолуција што би го заштитила комерцијалниот бродски превоз во Ормуската Теснина, но во значително ублажена форма откако Кина се спротивстави на овластувањето за употреба на сила.